2011 од мој агол

Нема да пишувам долги текстови или некаква си колумна за крај за 2011, но чисто онака, еве кои и зошто беа моите ТОП 10 нешта, луѓе, настани… незаборавни моменти од минатава година:

1. Мајка ми – жената борец која цел живот сама борејќи се за мене, заборави на себе, и не успеа да ја избори и преживее тешката битка со карциномот;

2. Моите пријатели и познаници, сите знајни и незнајни учесници и борци, поддржувачи но и мрчатори од #protestiram кои го направија она што никој во Македонија до сега не го направил!

3. Rick Smith – CEO &Editor; Chairman of Newsweek magazine /Columbia Uni Prof. еден од ретките луѓе од Њујорк кој ми даваше искрена поддршка и критика за #protestiram и активностите со полициската бруталност;

4. Жаборкечината од власт и опозиција и сите кои активно се занимаваат со политика, поради кои Македонија дополнително стана ужасно и макотрпно место за живеење;

5. Учеството на најголемата и најзначајна светска конференицја и тренинг на млади лидери во Вашингтон, САД;

6. Македонската твитер заедница, која од Јули секојдневно ми дава надеж дека во државава се уште постојат креативни и паметни млади луѓе;

7. Тамара Атанасоска, девојка која во минатава година беше прав борец и организатор, една од нај нерасипаните девојки кои до сега сум ги запознал овде;

8. ДПМНЕ и сите блиски до нив, бидејќи ме избркаа од работа и ден денес доследно се грижат, така лесно да не најдам друга; A, посебна благодарност на С(Ш)ител кои своевремено ме ставија на нивната црна листа и прогласија за државен непријател и странски платеник;

9. Сите ревносни статусо-пишувачи и шерувачи на фотки, тролачи, новопечени фејсбуковци… помалку и повеќе креативни фрикови и новинари. А, за мене први меѓу нив новинарите се: И годинава, неприкосновената и единствена Оливeра Трајковска-WIN-WIN, и новинарот Владо Апостолов со написите, и епски посвети и фотки за другарот Хорхе;

10. Хорот Распеани Скопјани, се едно од ретките добри работи кои покрај се’ му се случуваат на овој град.
… И, сите нови девојки и дечки, вакви и онакви, пријатели и непријатели кои ги запознав или ме запознаа во 2011 година.

И еден бонус за крај: Ретки се хероите од нашето секојдневие кои ќе ти ги лепнат во фаца и нема да погрeшат, а госпоѓа Јана како права лицемерка ни кажа кои и какви сме, зашто подзаборавивме. Затоа бонусот(единаесетката), е за сите лицемери и нашето македонско лицемерие.

Така… ете помина уште една!

Среќна Нова! Среќни празници! 😉

Advertisements

Заборавени херои

Кога пред неколку години прв пат прочитав дека како држава воведуваме одличја и ордени за посебно истакнати личности и граѓани, искрено се израдував. Неспорно е дека ваквите почести и одличја имаат посебна улога, и истите по значење и дефиниција претставуваат општествено и државно признание кон нечии заслуги и придонес. За воља на вистината во последно време се почесто забележуваме дека бројот на орденоносците по разни основи рапидно се зголемува.
Овде се наметнува дилемата како толку малуброен народ, а толку многу медали и ордени? Имам ли проблем со перцепцијата и поимањето на вредностите или некој друг има проблем со продукцијата и „штанцањето“ на овие највисоки државни признанија и почести?

Секоја чест на оние кои вистински ги заслужуваат, но во изминатиот период ми се чини дека еден куп на луѓе се изнаредија во „Вила Водно“ смешкајки се пред камерите и фото-апаратите додека гордо ги држеа кадифените плакети над кои се надвиснуваа сребрените медали и ордени. На еден таков настан бевме сведоци и вчера. Претседателот изврши одлкување на заслужни војници кои херојски спасиле живот. Секоја чест. Награден беше и Сами Нуредини, младо момче, кој се жртвувал и го спасил животот на девојката која се давела во студените води на Вардар, минатата зима. За мене Сами е херојот на денот!
На крајот од годината која изминува, и покрај троа поголемата продукција на државни медали и ордени, сведоци сме дека се малку оние кои се пожртвувани и прават општо-добро. Но и покрај тоа, должност и обврска на државните раководители е секој од нив да го забележат и соодветно истретираат, според правилата и законите. Храброста и пожртвуваноста се меѓу основните, но, сепак ретки човечки доблести. Понекогаш толку ретки што некои луѓе се прашуваат дали денес, во овој современ свет, воопшто ги има. Не само што е присутна, туку храброста во македонското општество ја одразува онаа темелна човечност која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики. А, притоа, единственото нешто што е важно е да им се подаде рака на оние чиишто животи се во опасност, ќе рече меѓу другото мојот некогашен професор, а сегашен претседател Иванов. И читајки го ова, неможам да се воздржам, а да не запрашам: Чуму толку медали претседателе, а толку малку херои професоре?
Пред помалку од 9 месеци јавноста беше сведок на убиство во едно скопско училиште, кое се случи како резултат на херојски потег за спасување живот. Тогаш животот го изгуби младиот Мухамед Али Јашари, храбро бранјќи го својот другар. Тоа беше пример на херојство и пожртвуваност, но и задолжителна лекција за во основно училиште за она што значи животот и пријателството, како треба да градиме мулитетнички соживот. За жал, комисиите, претседателот и сите надлежни, овој херојски потег, кој некого го чинеше живот го заборавија. Медали и ордени не добија ниту бранителите од воениот конфлик во 2001-ва. И тие беа храбри, се жртвуваа и бранеа нешто, зарем не? Празни се реверите и витрините и на семејствата на пилотите и воениот екипаж кои несреќно загинаа кај Катлановското брдо пред четири години. Зошто при толкава продукција на медали, овие војници постхумно не се одлликуваат? Оттогаш помина долго време, а никој не им даде ниту признание, ниту одличје, напротив. Дали ги заборавивте и без тоа ретките случаи кога граѓани во гостиварско и струмичко правеа храбри дела и подвизи, ретки за овие простори? Ако веќе толку многу милувате да давате медали и признанија, зошто, претседателе, до сега не покренавте иницијатива за постхумно одликување со барем некакво признание на поранешниот претседател на МАНУ, врвен научен работник, професор, човек кој пред повеќе од 30 години објавуваше во еминентниот The Nature, и беше член на истакнати светски научни организации и друштва, вклучувајки ја и Њујоршката научна академија? Дали и како во вредносните критеруми и бирократските слова кои дефинираат зошто и како некој треба да добие медал или признание требаше да го вброите и Енио Мориконе светски познат солист, кој за својот настап на фестивалот Охридско лето, кој го финансирате од нашите пари беше чесно и дебело платен? Се прашувам, колку ли е големо и значајно учеството на оваа sвезда за Македонија за да добие државен орден?

Малкуте работи по кои на нешто сме годри е и натурализираниот Македонец (како што милувате да кажете) Lester Bo Mccaleb – Бошко. Овој спортист е еден од малкумината кој ја одбележа годината. Но, дали Бо е заслужен и има право на градите да закачи еден од вашите скапи мадали, независно од сите ордени и медали кои и ги доделивте на кошаркарската репрезентацијата. А, кога сме веќе кај кошаркарите, вие претседателе, како искусен педагог сигурен сум дека знаете оти оценките се заклучуваат на крајот од годината или откако ќе го положите испитот, а медалите и признанијата се делат откако некој ќе ја заврши играта до крај, макар бил брилијантен во текот на второто полувреме.

На крајот, зарем во мерилата и критериумите на вас и вашите соработници, и во сите тие правила, не се вбројуваат едни од ретките хериои кои ја одбележаа годината што изминува – хероите од мојата генерација? Дали мој драг професоре, не се хериои и заслужни сите оние кои недозволија бруталното убиството на Мартин Нешкоски да биде прикриено, а јавноста излажана. Зошто сите оние кои два месци беа една од главните теми во Македонија, а кои вие лично ги поддржавте со писмо, не заслужуваат некакво признание и внимание? Единственото чисто и грѓанско движење против бруталноста, невидено на овие простори во поновата историја не заслужува ништо?! Дали тие ваши некогашни студенти кои имаат поинаков ракопис од се досега не треба да добијат признание или пофалба, за годината која ќе биде обележана и по нив? Зарем не сметате дека треба да стимулирате промовирање на вистински вредности, а оние кои со сопствената чистота и жртва се залагаат за почитување на правите вредности и идеали во ова општество треба да се промовираат, наградуваат и стимулираат? Малубројни се вистинските хериои и заслужни граѓани, но нивните дела и подвизи премногу големи и едниствени, дури и за сите ваши ордени и медали.

Заборавени или не, испуштени или не, сепак, она што го направија е многу поголемо од скапоцените значки, беџови и медали, кои ги заслужуваат, а за среќа или не во Македонија обемно се продуцираат, а вие како по природа ги заборавате. Сепак, следејќи го начинот на кој сите нив ги доделувате, се сомневам дека Дан Реисингер и израелците ќе бидат горди што некој таму во Македонија го употребува нивниот изум. А, додека вие и сите останите надлежни се сетите на подзаборавените или игнорирани хериои, ние остананите граѓани ќе ги споменуваме сите нив недозволувајќи, со или без медал или признание, да бидат заборавени.

*Текстот првично е објавен на порталот: http://www.okno.mk

K.

Ефектот на огледалото

Малку се работите по кои во нешто сме први како општество, а една од нив убедливо е гледањето телевизија. Токму затоа, можеби, телевизискиот бизнис и покрај малиот пазар е мошне исплатилив, особено во последните неколку години. Мора да признаеме дека и покрај брзата пенетрација на интернетот и многуте проекти за информатичка писменост, компјутери за секое дете и кои други се не, и понатаму телвизиите се доминантните медиуми за информирање во оваа држава. Но, и не само за тоа. Кај нас зјапањето во телевизор и кога треба и не треба е врвен национален спорт. Токму затоа на овие простори се уште важи онаа стара флоскула „само она што го има на телевизија се има случено“. Дали навистина е така или не оценете сами.
Во услови кога подолг период наназад, а особено годинава се соочуваме со сериозни забелешки за слободата на говорот и независноста на медиумите, неминовно ми се наметнува прашањето за каква независнот ние сакаме да се избориме и што тоа гледаме по телевизиите? Ајде овој пат да се свртиме и погледнеме што мнозниството од овој народ гледа и сака да види на телевизија. Зошто медиумската помраченост, необјективното информирање, и влијанието на власта врз уредувачките политики и пресијата врз медиумите, не му пречат на овој народ. Ако за момент заборавам која ми е вокацијата, што студирав и специјализирав, и почнам да гледам на телвизијата и медиумите само како гледач и обичен граѓанин, како што гледаат деведесет и осум насто од населението, тогаш би рекол дека она што деновиве актуелнава Влада го предлага како нов Закон за медиумите е всушност она што навистина и треба на медумската сфера, и македонското новинарство. Да се разбереме, не велам дека ваков Закон ќе ги уреди никогаш неуредените односи, ниту пак дека концептот на Законот за регулирање на медумските услуги е добар, (побогу, па Виктор Ордан и Путин треба да учат од овие!) туку дека телевизиите, новинарите и публиката тоа го заслужуваат. Сите ние заслужуваме и многу полошо од овој закон. Зошто? Многумина ми велат дека после уништувањето на А1 се е поразлично и изменето. И,велам да, не е исто, но длабоко се прашувам дали навистина е така? Ја нема повеќе програмата (пред се информативната) од таа тлевизија, но убеден сум дека на најголемиот дел од гледачите, таа (А1) воопшто не им недостасува. Доколку уште еднаш погледнеме околу нас, само како гледачи ќе сфатиме што нашиот народ гледа, што ни се пласира на телевизија, и што е она поради кое ги имаме најчестите секојдневни кавги, во нашите домови. Години наназад сите вие почитувани медиумски газди, новинари и останата медиумска фела го обезличувате овој народ, го терате да размислува дека вредноста на животот е изразен во шпанските и турски сапуници. Дека турбо-фолкот и српските култни серии и филмчиња, снимани со декрет и 3000 статисти од бивша ЈНА се поим за тоа како некогаш супер се живееше, што тоа беше вредност. Вие, на нас како гледачи по стотици пати ни ги пуштате Цеца-национале и Аца Лукас, за да ни покажете што е тоа музика и гламур, ја “вртите“ Лепа Брена за да доловите што е вредност и како изгледа причата за „соживот“ со посредство на „Југословенка“ или од Вардара до Триглава… „Вредноста“ и гледаноста на индиско-турските серии убедливо рушат рекоди во најплатените термини, модерно речено „прајм-тајм/prime-time”. Вие ги полните џебовите, додека народот брза да стигне дома и да почнат да се караат дали да го гледаат „Полат“, „Бумбар“ „Тркалото“ или „Малечката невеста“, бидејќи повеќето семејства имаат по еден, ретко каде два телевизри. Вие, години наназад емитувате програма и емисии во кои главните фаци на екраните, од кои децата учат и се препознаваат се од типот на Жаре Берберот, или онаа несреќа од водител кој во своја емисија кажува дека не можел да најде друга работа, па станал водител на утринска програма. Се уште не дипломирани новинари добиваат ударни термини, прават интервјуа со политичари три пати повозрасни од нив, а истите тие новинарчиња никогаш не научиле што значи Пулицеровата награда или кој е Кристофер Хил. Ние гледаме и читаме новинари и водители кои сфаќа го пишуваат со В, евтино со Ф, додека пак изговарањето на „оториноларингологија“ или поимањето на „колизија на закони“ за нив е еднакво на решавање на физичка равенка или интеграли. Ете, таква е програмата на телевизиите, такви се најголемиот дел од новинарите, кои вие неуморно години наназад ни ги сервирате, а ние сакале или не ги гледаме и читаме. Тоа е понудата која како гледачи ја имаме подолг период. Затоа воопшто не ме чуди што никој повеќе не се прашува што се тоа вистински вредности, каква понуда имаме по телевизииве, или зошто во Македонија има повеќе реклами одошто во Холивуд или на Тајмс-сквер. Она кое сега (ни)ви го прават, оние голобради мудреци од власта, го прават затоа што знаат дека и покрај се вие нема ништо да сторите, а пак оние што ве гледаат уште помалку. Тие, и утре изутрина ќе ги гледаат репризите на нивните омилени серии, во очекување на новото продолжение од „Бамбини“, додека вие со првата полицајка ќе „преговарате“ и потајно ќе се надевате на уште некоја реклама, кампања или проект од 20 милионскиот колач во евра, кој дополнително ќе ве направи непристрасни и професионални. Затоа најдобро е и понатаму да продолжите со продуцирањето на програма и емисии кои дополнително ќе го обезличат и обезвреднат овој апатичен и уплашен народ, бидејќи и сами знаете дека произведувањето на сопствена програма е премногу неисплатлива и негледана работа во денешно време, а бара вештини и креативност. Ова е време во кое ние со пиетет ќе се сеќаваме на документарните програми, на емисиите како дамнешните „Сакате ли аргументи“ „Без наслов но со повод“…. Денес, сите заеднички сме во период кога не е потребно да се гледаат кутлни филмови, театарски претстави, документарки, анализи и дебатни шоуа, бидејки нарацијата и наратирањето на сериите е тренд и алатка која просечниот гледач премногу лесно ја прима, додека мие садови или се расправа со децата кои сега не спијат пред единаесет навечер. Поради се ова кое го правите, а нас не ни пречи и глатко го конзумираме, потребата од нов Закон за медиуми, далеку поригорозен и ограничувачки од овој концепт, напишан во старата „жолта зграда“ близу Беко, или на Илинденска ББ, е она што реално го заслужуваме сите ние. Така, ем вие ќе бидете на раат што и како да емитувате и правите, ем ние што ќе гледаме, а и менувањето на канали нема да биде неопходно – секаде ќе гледаме исто. Со декрет, и со обостран благослов за наше добро, чунки она што го правиме тоа и го гледаме.

*Текстот привично е објавен на интернет порталот: http://www.okno.mk