Црвени знамиња, окрвавени раце!

КОЛУМНA

Многумина упатени и “важни“ ми велат оти имале чуство дека 2001-ва може да се повтори на извесен начин. Истите тие, непропуштаат шанса пред странските дипломати и политичари да се испофалат дека сериозно работат на соживотот, а Македонија како мултиетничка држава претставува модел за успешена приказна на Балканот.
За воља на вистина, не е мал бројот на оние кои имаме блиски пријатели од сите националности кои живеат на ова тло земја, но факт е и дека повеќето од нас никогаш не научивме како треба да изградиме вистинско општество и држава која за едните нема да биде мајка, а за други маќеа. А, не е дека незнаевме или неможевме. Сите оние кои малку подолго се присутни на јавната сфера во Македонија, го знаат тоа. И сите тие, ако ништо повеќе биле на десетици обуки, семинари, симпозиуми… и учеа за тоа како се гради мултиетничко општество и соживот. Но дали научи(вме)ја?! Меѓуетничките инциденти и тепачки кои скоро катадневно се случуваат периодов, ни од далеку не се случајни. Сите тие покажуваат колку сиве овие години во рамковна Македонија живееме со поделби, лицемерно, според нечии тертипи и модули. Живееме привидно мирно. Се гнасам на сите кои имаат полни усти пораки за соживот, повикуваат на меѓусебно разбирање, а нивните дела се дволични, или пак за сиве овие години ништо не научија. Ниту што е тоа соживот, ни каков треба да биде.
Додека пред десетина дена, едни јавно се бунтуваа за прашања кои сите нас длабоко не засегаат, други, пред се интелектуалци и колумнисти јавно ѓи искараа овие првиве бидејки тоа го правле на “мултиетнички“ начин. Сите ние треба да сме едно, но сите ние длабоко во себе знаеме дека не сме (различни но еднакви). И, затоа не се виновни оние што се потрудија двете црвени знамиња да ги спојат едно до друго, како што маршираа еден до друг, споени преку пораката и револтот кој го носеа во себе. Поголема вина имаат оние кои некогаш беа и се важни и имаа моќ и положба да направат нешто. Сите оние кои од страна мудруваат, или пак оние кои се обидоа да исценираат некаков нов инцидент. Така, додека секој си ја брка сопствената агнда, притоа гордо истакунувајќи го баш неговото знаме, таму некаде по улиците, во автобусите, низ парковите, нечии деца страдаат. Се лие нечија крв. Чија е вината што за триесетина дена се повредени близу педесетина граѓани, двајца дури и убиени, а немирите продолжуваат и денес, и од Скопје почнаа да и во Тетовско. Многумина велат дека после Гостивар во Македонија врие! Но, сите тие свесно или не, преку изјавите и делувањето, дополнително ја подргреваат и без тоа напнатата ситуација.
Кога по многубројните инциденти, а некои од нив крајно издраматизирани од медиумите, доаѓа времето за повикување на разум и работа на терен за релативизирање на атмосферата, овде се случува обратното. Подгревањето на тензиите продолжува. Политичарите по кој знае кој пат се раскраа и обвинија дека баш тој другиот е крив, а коментарите во медиумите дополнително ја влошуваат и без тоа лошата и тензична атмосфера. Се чини дека единствената директна порака на разум, а овој пат без ракавици, повторно ја даде странец, кој важи за одличен познавач на овдешните состојби, а нам добро познат. Се прашувам дали и овој пат неговата порака ќе допре до сите нас, а оние за кого е наменета ќе го послушаат?
И, кога во оваа држава се ќе тргне на лошо, кога иднината е се понеизвесна, задолженоста расте, платите стагнираат, а сите ние за само една година ќе почнеме да ги отплаќаме милионските рати за кредитете кои ги трошиме за плати и пензии, изгледа дека старата формула: – создади конфликт-оствари цел, најмногу успева. Подгревањето на таква атмосфера и фризирањето на настани од кои сме безбедносно загрозени, не не тера да размислуваме на ништо друго освен дека треба да се браниме од нечиј напад. Влева недоверба и страв. Тоа за некого е проверена формула и дефокусирање, заради остварување на нечија политичка или воена агнеда. Но дали овој пат поучени од минатото ние обичните граѓани тоа треба да го дозволиме?
Сите ние живееме овде, се возиме по исти улици, дишеме ист воздух, делиме слични проблеми… Зарем не ви е доволно од сите меѓуетнички нетрпеливости, говори на омраза, вештачки фрази. Зошто сите влијателни интелектуалци, креирачи на јавното мислење, колумнисти па и политичари, не ги артикулираат своите ставови, не промовираат здрави мисли кои ќе му помогнат на збунетото население? Зарем не велите сите дека ја сакате оваа држава и се борите за нејзиниот просперитет и опстанок?

Знамињата на овие простори се црвени, како и крвта која некој недолжно ја лее. Сите ние треба и мора да сториме нешто, бидејќи дотурањето масло на огнот или гледањето од страна ги прави крвави и нашите раце!

Advertisements