До коска!

Без многу филозофирање и анализирање се поочигледно е дека ситуацијата во оваа папазјанија доаѓа до коска, до бол! Се прашувам – ве боли ли? Дали сите отрпнавте и станавте мазохисти?! Убаво ви е? Си велите “молчи има и полошо“. Се прашувам што е полошото?! Ја пиете целата пропаганда и маркетинг дека се уште убаво се живее, или вие навистина интимно сте задоволни? Дали само јас мрчам? Убаво живеете? Задоволни сте со едвај 400 евра месечна заработувачка? Во ред, ајде и да е така. Но, зарем не ви пречи тоа што везден цените на услугите и производите се зголемуваат, а вашите плати остануваат исти? Не ви пречи тоа што некој противправо се труди да ви наметне трошок и давачка која реално не ја користите?! Зарем тоа е праведно? Не ви пречи што сред август сите ние плаќаме по 40 денари за домати? Зарем не ви е непријатно години наназад да земате кредити за да им овозможите на вашите деца да одат на летен одмор?

Повеќето од нас знаат дека цената на електичната енергија е инпут во секоја економија. Зголемувањето на цената на истата повлекува низа поскапувања кои многу наскоро (во септември) ќе ги почуствуваме сите, а најмногу ќе страдаат оние со најниски примања. Дополнително, од денес ќе плаќаме и поскап бензин (за еден месец поскапе скоро 15%) чија цена нужно ќе предизвика дополнитени поскапувања. Дали ќе останете рамнодушни на сето она што веќе почнува да се чуствува? Сите ние се плашиме, стравот е легитимно чуство се додека реално не се соочите со него. За жал се помалку во оваа држава ќе се одважат да кажат што мислат баш поради стравот, но она што повеќе загрижува се оние кои глатко и везедн небаре сунгери ја впиваат пропагандата и веруваат на новите антикризни и економски мерки.

Еден од нашите национални спортови е измислувањето изговори и давање отпор на мала врата. Додека PR професионалците вешто не замајуваат со лустрацијата-кодошизација, се уништуваат недложни луѓе, една половина од граѓаните летуваат на кредит, а другата половина чезнее да дознае како поминал лидерот во Лагуната на Јовович во Фетије, или каде ли се сонча БЦ, нас ни ги празнат џебовите!
Ќе ги чекате да се вратат со бронзен тен ноншалантно облечени во Пол Шарк?? Да ви раскажат како си поминале во Сани Бич или Јапонија? Ќе чекате жешка есен, некоја старо-нова Месаја која ќе не спаси? Што чекате и кого чекате? Зарем не ви е доста?!

Аман, до кога?!

Advertisements