Бокс толеранција!

Маршот на толеранцијата, организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со уште неколку граѓански организации, денес се одржа по четврти пат. Јас бев таму по трет пат. Поводот секоја година е ист. Се одбележува Меѓународниот ден на толераницијата-16 ноември. По што годинава овој марш беше поразличен од останатите: првенствено по број на присутните – пред се млади и едуцирани, но и високо етаблирани личности, од јавната сфера во државата. Бидејќи сум убеден дека мнозинството што ќе го прочитаат овој краток текст, имаат доволни познавања за поимот толеранција со сето нејзино значење, нема да се задржувам на мое толкување на истиот, ниту пак на тоа зошто организирањето на вакви настани се особено важни во општество како што е македонското и, особено во констелација на вакви политички односи и исклучителна поделеност во општеството.
Ќе се задржам на друг момент – настан увертира кој му претходеше на Маршот за толеранцијата, кој всушност е вториот момент по кој овој марш беше поразличен од останатите. Имено, непосредно пред започнувањето на маршот, на градскиот плоштад Македонија беа нападнати и претепани двајца активисти, дел од организациите учеснички, од страна на лице на околу 38 годишна возраст.(според информациите добиени од МВР).
Изминатите три години овој настан не го пратеа никакви посериозни инциденти,освен вообичаените реакции и негодувања кои се природна појава во секое општество. Присуството на полицијата секоја година е се поголемо, а годинава имаше и над триесетина од специјалната единица „ЕБР“. Но, зошто годинава е поразлично? Зошто беше нападнат најпознатиот претставник на ЛГБТ заедницата, Кочо Андоновски? Патем, за воља на вистинната, активистот кој го извлече подебелиот крај е семеен човек, споруг и татко на малолетно дете.
Колку и да изгледа случајно и, инцидентот да се толкува како изолиран случај без позадина, тоа во овој случај не е’ така. Денешниот напад, кога некои на толеранцијата и се спротивставија со боскови, е резултат на целокупната хомофобична кампања која токму оваа владеачка гарнитура почна интензивно да ја спроведува изминатата година. Не верувам дека оние кои маршираа за правата на ЛГБТ заедницата минатите три години не ги иритирале оние другите – хомофобичните, но тогаш инциденти од ваков тип не се случија, првенствено бидејќи говорот на омраза не беше со таков интензитет, а владеачката партија својата пропагандна машинерија ја имаше ставено на stand by – барем привремено. Нападот, всушност е директен резултат на сета омраза кон ЛГБТ заедницата, и промовирањето на говор на омраза во и од медиумите!
Со овој акт, всушност се напаѓаат активисите и бранители на човековите права, а се спречува легитимното право на протест и јавно собирање.

Верувам дека полицијата и останатите институции ќе работат ревносно на целосно решавање на инцидентот и негово соодветно процесуирање, но дури и во таков случај, останува констатацијата дека најголемата одговорност освен директниот сторител на кривичното дело имаат и оние кои сиот овој период наместо толеранција и меѓусебно почитување, пропагираат пораки полни со омраза, хомофобија и „вербални боксови“. Кога и каква одговорност ќе понесат сите тие – промовирачите на нетолераницијата, хомофобијата и насилството?! Кога ваквите настани ќе бидат осудени од соодветните државни органи?!

Advertisements

Конзументи на ветар и магла

Наметувањето на одредени теми со цел дефокусирање на јавноста, од реалните проблеми, кои владнините експерти за PR и политички маркетинг го вршат сиот изминат период, е извонредно успепешна тактика. Таа последните шест години убедливо ги остварува предвидувањата на креирачите на сегашната политика. Така, веќе добро испробаните техники на спинување и пизма, збогатени со дневно-политичката пропаганда, налик на оние од Гебелс, нема потреба да бидат менувани, бидјќи во сегашното политичко миље имаат максимална успешност. Продуктот кој владата го продава, мнозинството од јавноста го купува, а политичките противници и директно прозваните дебело загризуваат на наметнатите теми. Иако по ниту една основа тие не треба да бидат прашања, кои баш во овој период ќе станат теми од јавен интерес и дополнително ќе го обременат и без тоа поделеното општество.

Доколку погледнеме четириесетина дена наназад, ќе констатираме дека нашите сетила беа нападнати од пласирање на теми сосема неважни за дебати и окупирање на јавниот интерес. Но, кај најголемата владеачка партија ништо не е случајно кога се работи за креирањето токму на јавното мислење. Така, само ден по добивањето на Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, Министерот за труд и социјална политика ја започна кампањата против истополовите бракови и заедници. Иако репрезентите на директно прозваната заедница тоа никогаш не го бараа, индиректните креатори на нашите судбини почнаа жестока кампања против ЛГБТ заедницата, остро спротивставувајќи се на идеја, која во таков контекст никој не ја заговарал.

Додека виртуозите по политички маркетинг, ревносно работеа на целосно дотепување на и без тоа слабата и некохерентна ЛБГТ заедница, меѓу другото организирајќи ги разните “здруженија“ но и пензионери, остро да се спротистават на истополовите заедници, Светото Тројство по јавни настапи на владата, предводено од Спиро, Тодоров и Јанкулоска, во недела организираа прес конференции за да соопштат во почетокот на октомври дека пензиите ќе ги зголемат во март 2013, секако откако некои од Европа претходно ќе им одобрат кредит. И, во очекување на следниот потфат на некои од најработните министри во кабинетот, блесна токму премиерот, кој на денот на ВМРО ни кажа дека ни снемува деца! Притоа истиот ги омаловажи жените од Македонија, чии пак анемични претставници остро му се налутија, т.е. „му забележаа“ дека биле длабоко навредени.
Со тоа започна уште една кампања, овој пат проследена со “сериозни“ анализи и од дијспората, кои ги подучуваа овдешниве како да ја спасат нацијата од изумирање. Додека дебатите за демографскиот инженеринг се уште се актуелни, оној најгласниот од Светото Тројство, откако издејствува Судот да им забрани на лекарите да штрајкуваат, се огласи дека ќе најмува генијалци во сопствениот кабинет и тоа за симболичен хонорар. Колку и да изгледаше небулозна и дискриминирачка веста за коефиницентот на интелигенција, таа молскавнично го освои јавното мислење. Со проследувањето на веста во светските весници, експертите по комуникации на Тодоров прокнижија уште еден успех.

Дефокусирањето од вистинските проблеми со кои државата се соочува продолжува и понатаму. Спотовите за тоа колку е изградено и разубавено Скопје, за сметка на тоа колку цела Македонија пропаѓа, веќе на големо се вртат по телевизиите, а опозицијата го организираше “досега најголемиот и најмасовен митинг“ за да промовира кандидати за градоначалници, иако изборите се дури во март. Отворањето на горливите прашања и предизвици со кои се соочуваме вешто се пренебрегнуваат, за сметка на дневно политичките памфлети и препукувања. Опозицијата и понатаму загризува на фрлената јадица од власта. Таа игра на теренот на Груевски со тоа давајќи релевантност на сите вештачки теми. Тоа е една од нејзините најголеми слабости. Наместо да ги игнорира наметнатите теми и, да удира по главните, опозицијата си дава автоголови, како со темата за хомосексуалците.

Секако, бидејќи работите не се случуваат случајно, зад вештачки наметнатите теми има сериозни причини. Расправата за тоа колку Македонија ќе добие, а колку ќе изгуби на декемврискиот Самит на ЕУ, е само една од причините за дефокусирањето на јавноста. Се’ помалку е извесно дека Македонија ќе добие датум за преговори во декември (нема да добие), од причини добро познати на сите нам. Доказ за тоа освен последните реакции на Атина, по доставувањето на Меморандумот се и оние од Софија, кои Скопје сака да ги амортизира, пристапувајќи им крајно несериозно, а конкретно задолжените наместо дијалог во четири очи, пишуваат писма и даваат совети, притоа споделувајќи импресии во таканаречениот “дипломатски дневник“.
Истовремено кога половина Европа ја тресат масовни протести и штрајкови, а главна тема е економијата и излезот од се полошите состојби, нашата економија непрекинато тоне. Цените се зголемуваат, куповната моќ драстично се намалува, а јавноста е преокупирана со дневно-политичките препукувања и, млатењето празна слама, за тоа дали Собранието ќе куртули од палење, од стана на јавно прокламираните пиромани во комстуми Армани. Од друга страна, присуството на владните претставници во Брисел, пред декемврискиот Самит на Унијата изостанува. Тие се на некоја друга страна од светот, или можеби чекаат што ќе им каже Филе. Впечатокот е дека ова прашање не претставува сериозен предизвик за овдешната јавност, а оние кои се платени за тоа не го приоретизираат, ниту пак сериозно третираат.
До кога интелектуалната и академска јавност, опозицијата – сега зголемена и проширена, ќе дозволува диктирање на јавното мислење и, ќе учествува во наметнатите теми на дискусија од власта, со цел дефокусирање на пошироката јавност од горливите проблеми со кои се соочуваме и, ставањето под тепих на сите прашања кои во овој период се приоритет за оваа држава.

Груевски има стратегија за пред декември, таа веќе се имплементира, но зарем не е ваша работа и интерес да дознаете што ќе се случува со оваа држава по фамозниот Самит на ЕУ и да влијаете на патоказот кој сакаат да го наметнат. Каде ќе допуштиме да ја одведат државата и сите нас во 2013, освен на локални избори и што поблиску до Белград?