Сноп светлина во политичката криза во Македонија

-дијалогот повторно на сцена-

Политичкиот примитивизам кој фигурира на македонската политичка „естрада“ преку се’ уште транзицискиот „развој”, се дијагностицира како конзистентно болен, со ментални препреки, со спротивна идеологија на убедување и делување. Политичките трансфери од една во друга партија, меѓу двата најголеми партиски ривали во Македонија, без или со заменети идеологии, покажуваaт дека државата има сериозен недостиг на сериозна и зрела политичка елита. Но, тоа не претставува никакво оптеретување на политичките елити во Македонија. Така, колку државата станува постара, толку повеќе партиите демнострираaт несоодветно однесување за нејзините години, a Република Македонија, која веќе го надживеа и американското полнолетсто се соочува со сериозна политичка и економска криза.
Македонија ја заврши 2012 година со тешки инциденти по демократијата, а 2013 ја започна со политичка, пред се парламентарна криза. Противиниците на владата често милуваат да кажат дека е присутна и институционалната криза, но за воља на вистината барем обичните граѓани тоа не го чуствуваат во секојденвиот живот. Доколку зборуваме пак за демократските капацитети и развој на општеството, тогаш повеќе од очигледно е дека овој состав на “Илинденска 2“ е на грубо ТИ со демократијата. Тоа Владата на Груевски го демонстрираше многу пати во овие, скоро, седум години владеење во Македонија. Сепак, ланскиот 24 декември Груевски ќе го чини многу, но истовремено не помалку и Црвенковски. Бранко не ја искористи можноста да направи превласт во државата, иако имаше отворена можност и за такво сценарио. Со тоа, лидерот на опозицијата покажа уште еднаш дека нема капацитет да ја завладее ситуацијата во сопствена полза. Прозивките дека Црвенковски е безперспективен и истрошен политичар со огромен негативен багаж и овој пат добија на легитимитет. Така, по кој знае кој пат, целокупната јавност се изнаслуша разни ептитети и многу стилски фигури за тоа колку е опасен едниот, а колку неспособен другиот лидер. Во истовреме, албанските политички послушници тивко и незаинтересирно ги чекаат наредбите на коалицискиот партнер, паралелно консултирајќи се со амбасадата на Кале. Но, по скоро изминати триесет дена од „црниот понеделник“ барем некои работи излгедаат појасно во македонското политичко поднебје. По последната посета на посредникот од ОН, во грчко-македонскиот спор за името, маратонското пет часовно интервју на премиерот, предложените закони за усвојување по скратена постапка и најавената утрешна лидерска средба меѓу Груевски и Црвенковски, покажува дека ситуацијта во Република Македонија е многу посериозна одошто изгледа.
Барањата на фронотот на опозицијата се чини дека се упатени во лош тајминг, и покрај актуелната ситуација, па затоа целата меѓународна заедница е целосно резервирана. Главните причини за таквиот однос пред се на Америка и Брисел, се поради индициите дека решавањето на спорот за името во овој периот мрдна од место, и Скопје и Атина прв пат после долго време се на истиот пат кон негово решавање. Тоа е единственото прашање во гео-стртешките политички интереси и на Вашнинготн и на Брисел, па се чини дека нема да дозволат уште една нова криза, која повторно би ја однела државата во долг неповрат. Неколку постапки на Нимиц, но и пораките кои доѓаат од Американската амбасада во Скопје, го говорат тоа.
Од друга страна, таквиот развој на настаните, на Груевски му дава можност и понатаму да игра на популистичката карта нему мошне својствена, која, барем на краток рок ќе му овозможи целосно завршување на зацртаниот проект „Скопје 2014“ и комплетно завршување на фалсификувањето на македонската историја, кое започна пред пет години со познатата антиквизација.
Другото можно сценарио кое Груевски би го одиграл е сериозно третирање и решавање на спорот за името и организирање на фер локални избори. Исходот од тоа сценарио би значел организирање на предвремени парламентарни избори, кои барем овој период нема никакви индиции дека би биле пред средината на оваа есен. Шпекулациите во јавноста и желбите на опозицијата дека единствено решение за излез од политичката криза е формирање на техничка влада, барем овој период се само пуста желба на Црвенковски. Пошироката јавноста во Македонија нема чуство дека има институционална криза, ниту пак дека излез од кризата е формирање техничка влада., а владината пропаганда и влијание во медиумите оди до таму што ретко каде и кој има можност да го каже спротивното.
Единствената институција која во моментот не функционира целосно е Парламентот. Можеби тоа е единствената главоболка на оваа власт од целата оваа криза, бидејќи нема начин како да ја натера опозицијата да се врати назад, а тоа да не бидат предвремени праламентарни избори. Сепак, срамно за секоја демократија е кога не постои никаков дијалог, а во Македонија таков за сега нема! Она што е очиглено и во вакви околности е дека Никола Груевски и понатаму е најпопуларниот политичар во Македонија. Иако многумина веќе одмана го нарекоа Николае, алудирајќи на Николае Чаушеску, не допринесоа неговиот рејтинг драстично да падне. Сите тие само предвреме ги потрошија боевите куршуми, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ многу убедливо ќе ги победи и овие локални избори. Дали политичката криза ќе мрдне од мртва точка, ќе се знае многу наскоро. Денешната лидерска средба сигурно ќе ги помрнде нештата од мртва точка, иако таа нема да реши ничии проблеми и желби инстантно. Сепак, насушно е потребен интензивен дијалог меѓу политичките елити и тој треба да започне што поскоро и трае, се до постигнувањето консензус по националните и стратешки прашања за оваа држава. Дијалогот ќе доведе до некакви решија, а какви ќе бидат тие, се поверојатно е дека нема да чекаме уште долго да го дознаеме и тие одговори.

Advertisements