Протестирам-година потоа, а ко да беше вчера!

Никогаш не ми оди кога треба да напишам „наменски“ текст, особено кога во истиот сум директно инволвиран. Па така и овој пат.. 4-та среќа, 4-то пиши бирши и пак од почеток, нејсе!

Пред една година, се роди #протестирам. За жал, причината беше многу трагична, и како и тогаш, така и сега чуствувам неспокој и горчина при помислата што се случи таа кобна ноќ помеѓу 5-ти и 6-ти јуни! Но, таа ноќ, за едни радосна, за други трагична и болна, ќе се памети во колективната меморија како датум кој во поновата историја на оваа држава значи почеток на протести спонтано иницирани и организирани од младите на Македонија! За прв пат, на 6ти јуни на Македонија, пред се и се случија младите. Оние кои се родија и растеа кога се роди и осамостои Републикa Македонија. Знам дека многумина ќе ми забележат баш за она “младите“, но по година дена јас протестите против полициската бруталност ги доживувам првенствено како такви. Во нив учествуаа мнозинство на млади лица по возраст и дух, во нив учествуваа сите оние кои уште во првиот момент ја почуствуаа потребата да изразат револт, гнев, да побараат правда и одговори!

Во овој момент не чуствувам потреба да објаснувам што се’ се случуваше, многумина тоа го знаат, но имам потреба сите вас, знајни и незнајни да ве повикам на овој 06 јуни, на одбележувањето на првата годишнина од #protestiram; на една година од првите протести против полициската бруталност кои многумина се обидоа да ги присвојат но не успеаа во тоа! На 06 јуни ќе организираме протестен марш низ скопските улици! Ќе ги потсетиме сите надлежни дека можеа, а ништо не сторија! Ќе одадеме почит на сите жртви на полициската бруталност.

#протестирам не успеа да го издејствува она што суштински го бараше. Ако сме искрени тоа треба да го признаеме сите. Но, успеавме да им покажеме на сите оние кои не веруваат во активизмот, департизмот,на оние за инстантна употреба, на папазјанијата од власт и опозиција… успеавме да им покажеме на многумина, но и на самите себе дека можеме да направиме многу. И тоа почна да се случува од минатиот јуни!

Затоа, на 06.06. во 6 (18:00), ќе се собереме повторно на нашето старо, добро познато место – кај спомен домот на Мајка Тереза, и овој пат многу помасовно, по директно и поглсано ќе порачаме дека:

Барањата на движењето против полициската бруталност не се исполнети! Ние и понатаму сме овде! Ќе бидеме и понатаму и редовно ќе ве потсетуваме на се! Го следиме и ќе го следиме секој ваш чекор! Ние сме граѓаните и сакаме да живееме во држава и општество каде сите ќе се чуствуваат заштитени од полицијата, која ја плаќаат да ги штити!
Ќе ве потсетиме на се што сторивте во изминатава година, ќе ве потсетиме на сите 11 барања од минатиот јуни! Ќе протесираме по скопските улици и уште еднаш ќе го изразиме нашиот револт, незадоволство од начинот на кој власта се однесува со совоите граѓани. Ќе протестираме против сите оние кои изминатата година беа дрски, не игнорираа и игнорираат, против сите оние кои не направија ништо за сите ние да живееме подобро и посигурно!

Протестниот марш ќе започне во 18:00 часот од платото на спомен домот на Мајка Тереза на ул. Македонија.
Поворката од граѓани ќе ги „посети“ сите надлежни институции во оваа држава задолжени за решавање на горливиот проблем со полициската бруталност: Собранието на РМ, Министерството за внатрешни работи, Владата на РМ, и ќе заврши на градскиот плоштад.

По завршувањето на протестниот марш, ќе следува уште еден протестен настан, кој ќе биде најавен дополнително!

Шести јуни 2011 се случи, скоро, пред една година, а ко да беше вчера! Протестирам продолжува – стоп за полициската бруталност!

Advertisements

Одговор на „одговорот“ до Јанкулоска

Од како го прочитав „Одговорот“ на поканата за учество на дебатата постојано ми се наметнува прашањето: Има ли граници ароганцијата и дрскоста на министрката Јанкуловска? Таа би сакала нашата покана да ја сфати како „оградување од досегашните протести, невистинитите обвинувања, навреди и клевети…“ Но, дури и така сфатена, нашата покана не ги задоволува нејзините критериуми, па си дозволува да не поучи дека „вистинското оградување би требало да биде во најмала рака во форма на извинување и благодарност до сите „тигри“ и „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“ и слични акции.
Јанкулоска, сосема го игнорира образложението за целта за организирање на дебатата. За неа нема потрба од дебатирање за негативните појави, бидејки во нејзината перцепција такви не постојат. Во незината перцепција постои „демократски изразена волја на граѓаните кои по шести пат својата подршка ја даваат за опцијата за која сметаат дека им нуди подобра иднина“. Во нејзиното резонирање не постојат негативни случувања. Секоја иницијатива што има цел да укаже на такви појави е насочена против „легитимно изразената волја на граѓаните“, секој иницијатор е во служба на Бранко Црвенковски, а секој интелектуалец што ќе се дрзне да учествува во дебатата ќе биде ставен во наводници…
Во перцепцијата на министерката, невладините организации треба да организираат манифестации преку кои ќе ги величат заслугите и успесите на владата, или ќе организираат протести против опозицијата за одбрана на „демократски изразената волја на граѓаните“.
Не, госпоѓо министерке! Ние не се оградуваме од досегашните протести. Нашите протести имаа конкретен повод. Можеби за време на протестите имало и навреди кон „тигрите“ и „алфите“, но игнорантскиот однос и вашата индолентност кон нашите настојувања за поголемо почитување на човековите права и за начинот на изразување на револтот кај младите, потврдува дека вие сте таа што треба да им се извинете, зашто токму со таквиот однос допринесувате да бидат поистоветувани со „џелати“ и „убијци“.
Кога веќе министерката инсистира на извинување, единствено можеме да се извиниме што во поканата и определивме улога на клучен говорник. Од „одговорот“ се гледа дека тешко ќе можеше да се справи со таквата улога.
Сепак, со големо жалење можеме да констатираме дека Јанкулоска повеќе претпочита да гледа филмови, од колку да присуствува на дебати. Очигледно ние не сме во нејзиниот филм.
Но, сите оние кои протестираат нема да заборават, и овие прашања ќе ги поставуваме и понатаму, и ќе ги потсетуваме постојано институциите кои, сега и во иднина, се, и ќе бидат задолжени да ги решаваат ваквите случаи.
На крајот, кога веќе не пропуштате можност секогаш да не прилепите до Б.Ц. и неговата партија, јавно ве прашуваме: Чуму таквите прашања и квалификации министерке? Зарем мислите дека вие и тој сте поразлични во нешто, со сето она што и го правевте и правите на оваа држава? Затоа ве молиме, во иднина, таквите прашања поставувајте му ги на Б.Ц. лично, бидејки очигледно кога толку често го споменувате вие имате почеста меѓусебна комуникација со него одошто било кога нашето движење.

Искрено, Кирил Ефремовски
Движење „Стоп на полициската бруталност“

Одоворот од министерката Јанкулоска на поканата за учество на јавна дебата

Министерство за внатрешни работи
Предмет: Одговор

Почитувани,

Вашиот допис би сакале да го сфатиме како оградување од досегашните протести и невистинитите обвинувања, навреди и клевети, бидејќи се сомневаме дека некој би сакал да седи на иста маса со „убијци“ или „џелати“. Сепак вистинското оградување од омаловажувањата и неоснованите квалификации би требало да биде во најмала рака во форма на јавно извинување и благодарност до сите „тигри“ или „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“, кој беа убиени кај ПМФ и кои учествуваа во безброј акции за заштита на нашата безбедност.

Министерството за внатреешни работи, го виде јавниот повик на Бранко Црвенковски за мобилизирање на сите невладини организации и „независни“ интелектуалци против демократски изразената воља на граѓаните кои по шести пат на избори својата поддршка ја даваат за опцијата која сметаат дека им нуди подобра иднина. Свесни сме дека безидејноста и катастрофалните резултати зад себе, може да доведат до уште поголем очај, но тоа нам не ни дава право да бидеме дел од ничии сценарија.

Министерството за внатрешни работи ќе остане отворено и ќе продолжи да работи во служба на граѓаните. Во рамки на определбата за транспарентност и отчетност во работењето, како што знаете, за прв пат организиравме отворен ден на кој сите граѓани можеа да се информираат и да ги изнесат своите сугестии и мислења околу полициското работење. Ви благодариме за вашиот интерес во врска со проектот „Отворен ден“ и сите ваши сугестии и мислења сериозно ќе бидат разгледани.

Повик за протест

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПРОТЕСТ

Почитувани,
Ние, активистите на граѓанското движење против полициската бруталност, се приклучуваме на повикот за протест упатен до јавноста, вчера, од страна на семејството на трагично загинатиот Мартин Нешкоски.

Движењето против полициската бруталност ги повикува на мирен протест сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната расна, верска или национална припадност.
Помина подолг период, а нашиот глас се уште не е слушнат од надлежните органи и институции на системот. Повремено слушаме информации кои само дополнително го зголемуваат нашиот револт и гнев! Затоа, ги повикуваме сите граѓани на оваа држава кои ја делат нашата кауза и се против полициската бруталност и насилие во овие 20 години, сите заедно да излеземе на протестен марш на улиците на Скопје. Ние се уште сме овде и овој пат сме многу погласни!
Во четврток, 29 септември ‘11г. сите заеднички да протестираме против нефункционирањето на институциите на системот, против непревземањето на одговорност. Да протестираме против бруталноста и полициското насилие кое непрекинато го чуствуваме во нашата држава, сиот овој изминат период.
Ве информираме дека зборното место на протестниот марш е на старата локација, спомен-куќата на Мајка Тереза, во 17 часот.
Ве повикуваме сите Вас, без разлика на вашата возраст и која било припадност, овој пат што помасовно да излезете од вашите домови и покажете колку ви пречи кога полицијата е брутална, кога полицијата неоправдано тепа, а никој не превзема одговорност! Дојдете со нас! Помогнете ни во остарувањето на нашата заедничка цел, и реализирањето на барањата упатени до државните органи. Да го искажеме нашиот револт!

Не за полициската бруталност!
Доста беше молк! Бараме правда! Бараме одговорност! Бараме одговори!

За тогаш кога ова ќе биде некогаш.За оние кои доаѓаат!


Убиството кое се случи на овој ист датум во центарот на Скопје, точно пред деведесет дена во поновата македонска историја ќе остане запаметен како повод кој на улиците на главниот град, а и низ Македонија „изнесе“ стотици граѓани кои недвосмислено и кажаа НЕ на полициската бруталност и нефункционирањето на системот.

Простете ми што нема да бидам ни малку скромен, и овој пат ќе пишувам за протестите во кои и самиот учествувам, но она што се случуваше и се случува во оваа држава е настан кој високо се надвиснува над сите идеологии, партии, политички и полициски полтрончиња, без ‘рбетници, второ-разредни доушници, кои без грам достоинство и морал се обидоа да уништат за овие простори невидена, пред се младинска енергија, ентузијазам, дух и желба за правда, храброст и одлучност! Тие на самиот почеток беа збунети, бидејки во нивите ограничени умови не осознале дека луѓете пред се се’ луѓе, а потоа партиски војници и климоглавци, а кога тоа и конечно го сфатија неуспешно се обидоа да го задушат.

Сепак, не паметам дека досега во оваа држава млади и возрасни биле толку унитарни и сложни во сопствените барања, како во барањето за „Стоп на полициската бруталност“. Над шеесет дена, центарот на Скопје ечеше од протестните слогани и маршот на оние кои неуморно протестираа. Соочувајќи се со бројните предизвици, анатемите од власта, разните обиди за задушување, разните спинери и инфилтрираните доушници, но на крајот сепак успеа идеата и чистината на душите и намерите на оние кои неуморно СЕКОЈ ДЕН ВО 6, се собираа и гласно говореа НЕ!

Нивното НЕ, нашето НЕ, симболички го претставува револтот на младината не само против најбруталниот елемент на употреба на сила и страв, од страна на државата-полицијата, туку е НЕ на сето она што не фунционира, што смрди и не уништува во овој систем. Оддекот на слоганите и грмежот на извиците додека се маршираше низ скопските улици и денес одзекнува во моите уши, поради чистината на она што младите како никогаш досега заеднички, рамо до рамо го направија.

Протестите против полициската бруталност беа и ќе останат, во овие 20 години самостојност, најголем дострел кои граѓаните, над се, искрено и најчовечки го направиле во оваа држава. Низ призмата на моите вредносни критериуми, овој настан има значење поголемо од сите сите статуи, бисти, фонтани и продадени државни обврзници. Тој се роди во Скопје како млад Феникс, и со невидена чистота и светлина се надвисна над сите оние гротесни циркуски точки кои недокваканите  професионалци, платени со брда граѓански пари се обидуваат да ни ги продадат како суштински значајни настани, појави, уметност…  Протестите како никогаш до сега покажаа и дека јазот помеѓу националностите во Македонија го снемува кога  заеднички и искрено се борите за иста кауза. А каузата на сите оние илјадници кои протеситаат е една: функционирање на правната држава и системот на вредности. Спречување на репресиите и бруталноста на полицијата врз сопствените граѓани!

И ќе се запрашате која цел ја постигнавме, има ли таква?! Да, драги мои, целта првично е постигната. Иако протестите продолжуваат и понатаму, иако она за кое сите се бориме не е релизирно, нашата првична цел е постигната. Ние му покажавме на ова општество, на овој поредок дека сеуште има искра надеж во оваа Македонија. Покажавме дека летаргичната и анемична младина не e’ секогаш таква. Нека зборуваат и пишуваат колку сакаат, но и тие самите знаат дека не се во право, дека не е така. Нечии ограничени умови и понатаму ќе го мислат спротивното, но тоа само ќе претставува дополнителен повод за оние кои знаат и умеат, и се подобри од нив, да им покажат како, да покажат дека грешат. По десетина годни за Летото Господово 2011-то, верувајте ми, ќе се пишува за нас, ќе се пишува и говори како што сега ние со пиетет говориме за дел од нашите предци. Затоа, протестите против полициската бруталност треба и мора да продолжат. Тие го претставуаат критичкиот и умствен потенцијал на делот од граѓаните, а пред се младите кои имаат став и мислења. Го претставуваат граѓанскиот активизам. На сите оние кои што не се идоктринирани и не се партиски послушници и кои сакаат Македонија да биде поубаво место за живеење. Граѓани и активнисти, кои секогаш ќе бараат одговори и одговорност, и ќе бидат овде за да укажат кога некој греши, а последиците ги трпат стотици иљадници други. Она што се роди онаа трагична јунска ноќ веќе е врежано во Македонската историја како настан на граѓаните на оваа држава, против нефунционирањето на системот и оние кои го раководат.       Чистината на гласот на иљадниците граѓани, активисти, млади и стари, допре до сите Вас и тој глас и понатаму сите ќе го слушаме!  Тој глас и дело ќе трасира патишта кои треба да ги следат и почитуваат оние кои доаѓаат.

K.E.

Ретроспектива – како почнав со протести против полициска бруталност

Почитувани,
Револтиран од сите оние кои сакаат да ни наметнат дека работиме под закрилата на одредена политичка провиниенција, дека сме партиски послушници и дека повеќе не знаеме што бараме, јавно ги повикуам да не не’ ставаат во служба на нивните партиски машинерии; да престанат да ни лепат етикети; да запрат со квалификациите дека сме во служба на едни или други невладини организации…
Јас како учесник на протестите се оградувам од сите нив. Сите оние кои изминатите 9 дена ги гледате на улиците се дојдени по сопствена воља и убедување. Ние не сме претставници на политички партии, ниту делуваме и протестираме по налог на граѓански организации блиски до политички партии.
Ние бараме сеопшта подршка на ова отворено граѓанско движење и нема да дозволиме да бидеме ставени под капата на која и да е партиска машинерија или на спинувачите на јавното мислење.

Живеејќки во оваа држава ние сме свесни дека не можеме да останеме имуни на политичките прозивки и етикетирања,на преголемата исполитизираност и поделба. Но, исто така знаеме дека она коешто не’ здружи се не правдата, не функционирањето на системот, не превземањето одговорност… И ние сме дел од ова општество и систем и кога заеднички воочуваме дека нешто не чини имаме право, демократски и принципиелно да го искажеме нашиот став, зад кој цврсто стоиме. Нашиот став на сите вам ви е добро познат, тој став веќе 9 дена го манифестираме на улиците низ Скопје и Македонија. Го манифестираме пред институциите на системот.

На училиште и на факултет научивме што е демократија и граѓанско образование и како тие се практицираат. Ова е обид тоа знаење да го реализираме во живо. На дело!

На улиците сме ние, вашите деца и јавно и отворено ви укажуваме дека ваквиот однос кон нас не чини. Ние го воочивме проблемот и излеговме на мирни протести. Достоинствено протестираме и бараме одговори кои нам ни ги должат Државата, и инстиитуциите.
Зошто постојано се оглушувате и упатувате прашања од типот „Кои се тие“?
– Зарем не не препознавате?! Да, ние сме тие, загрижените граѓани, мадите од оваа држава, вашите деца!
Убиено е младо и невино момче од нашето соседство. Тоа ја прели чашата! Системот кон кој вие толку се повикувате не функционира! Зарем треба да молчиме?!

Уште еднаш, Ние НЕ сме пратиски инструирани и исполитизирани. Ви се обраќаат вашите сограѓани и вашите деца.

За доброто на сите, наместо да изнесувате невистини и конструкции, повелете придружете ни се. Ние протестираме мирно. Доста беше молк!

Бараме правда! Бараме одговори! Бараме одговорност!

Скопје, 11 јуни 2011 г.